Неколку европски земји започнаа со ублажување на рестриктивните мерки

0
121

Некои европски земји најавија релаксирање на рестриктивните мерки воведени кон средината на март со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, пренесува „Ројтерс“.

Во Австрија, продавниците што не продаваат основни продукти, а се на површина поголема од 400 квадратни метри ќе се отворат во вторник на 14 април, исто како и маркетите за „направи сам“ материјали и градинарска опрема. Отворањето на трговските центри, фризерските салони и поголемите продавници е најавено за 1 мај, освен ако ситуацијата не се влоши. Рестораните и хотелите ќе се отвораат постепено од средината на мај.

Бугарската влада дозволи пазарите повторно да работат од 7 април, како и продавниците за алат и велосипеди.

Во оваа земја ублажени се мерките поврзани со спортски активности на отворено како што се трчање и возење велосипед, а ограничувањата во поглед на патувањата ќе бидат ублажени по Велигден.

Данска ќе ги отвори градинките и училиштата за учениците до петто одделение од 15 април. Сите други мерки против ширење на вирусот ќе останат на сила барем до 10 мај.

Норвешка најави постепено олеснување на мерките што ќе започне на 20 април со отворање на градинките, додека училиштата за деца од прво до четврто одделение ќе се отворат една недела подоцна. За месецов беше најавено и кревање на забраната за работа на фризерски и козметички салони.

Финската влада размислува за олеснување на ограничувањата во сообраќајот во околината околу Хелсинки, но другите забрани се продолжени до 13 мај.

Германија ќе решава за релаксирање на правилата за социјална дистанца на 14 април, додека за постепено враќање во нормалниот живот ќе се дискутира по велигденските празници доколку продолжи позитивниот тренд во однос на епидемиолошката состојба во земјата.

Во текот на следните неколку недели, можно е да се олесни забраната за излегување од дома и работењето на некои продавници во Ирска.

Литванија, во која карантинските мерки се продолжени до 27 април, најавува дека по Велигден е можно да се ублажат ограничувањата, особено оние што се поврзани со работата на малите претприемачи.

Во Швајцарија, владата планира да ги олесни рестриктивните мерки на крајот од месецот по истекот на одредбата за карантин, која беше продолжена до 26 април.

Во Украина, пак, владата најави можно олеснување на ограничувањата до крајот на месецов што ќе започне со стартување на јавниот превоз и укинување на забраната за одење на работа