Запален летниковец во Парк-шумата Гази Баба

0
114

Летниковец во Парк – шумата Гази Баба е целосно изгорен во пожарот кој очигледно намерно бил подметнат вчера попладне во време на полицискиот час. Огнот кој брзо ја зафатил дрвената конструкција бил забележан од инспекторите на Град Скопје кои со дрон од воздух вршеле контола врз градското подрачје. Тие веднаш ја алармирале Скопската противпожарна бригада која го изгаснала огнот но сепак контрукцијата е целосно уништена.

–На неколку локации во Скопје кои се најчесто вандализирани или пак се палат огнови, со дрон правевме рутинска контрола. Брзата реакција на Пожарна бригада на Град Скопје не дозволи пожарот да се прошири и направи поголема штета, имајќи ја предвид околината, соопштија од Инспекторатот на Град Скопје

Реагираше и скопскиот градоначалник Петре Шилегов кој на својот профил на Фејсбук напиша:

–Ваквиот вандализам мора да престане! Летниковецот во парк шумата Гази Баба беше поставен за луѓето да можат да се одморат, релаксираат и поминат време со своите најмили. Кому му пречело сето тоа? Овој чин не само што направил материјална штета, туку можел многу сериозно да предизвика голема опасност и да ја загрози безбедноста во околината.

Граѓаните во своите коментари на социјалните мрежи го искажуваат својот револт од последниот вандализам. Тие укажуваат дека ова пироманство се случува само кусо време по нечовечкиот вандализам со кој на гробиштата „Kамник“ беа уништени педесетина надгорбни споменици.

– Ова е е ненормална работа…за време на полициски час да се искршат 50 гробови на „Камник“, да се палат летниковци по паркови, возење со мотори цел ден… Јас не знам каде е таа полиција?, напиша еден граѓанин.

Мора што поскоро да биде фатен и сериозно казнет барем еден вандал. Во спротивно, тие ќе си делуваат, па дури и со полицискиот час ќе се подбиваат.