БиХ воведе забрана за движење за илегалните мигранти

0
81

Советот на министри на Босна и Херцеговина денес донесе одлука да го забрани движењето на сите нелегални мигранти во таа земја објаснувајќи ја одлуката со потребата да се спречи ширењето на епидемијата на коронавирусот.

Во соопштението по затворената седница на Советот на министри се наведува дека е воведена забрана за излез на илегални мигранти од прифатните центри каде што сега живеат и дека полицијата добила наредба сите мигранти што ќе ги пронајде во други објекти или на отворен простор да ги приведе во центрите.

Одлуката ќе биде во сила сè додека има епидемија во БиХ.

Постојните закони во БиХ предвидуваат дека сите нелегални мигранти што влегуваат во земјата имаат право слободно да се движат сè додека не се донесе одлука дали ќе добијат азил.

Највисока концентрација на илегални мигранти што живеат надвор од центрите за прием е во подрачјето на Унско-санскиот кантон.