Опозицијата бара итно да се прогласи кризна состојба во Куманово и Прилеп

0
61

Неопходно е итно да се прогласи кризна состојба во Куманово и Прилеп, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Тој оцени дека се видливи серија пропусти и недозволени грешки, а Владата дејствува дезориентирано и загубено.

„Куманово е тешко погодено од коронавирусот. Таму гледаме многу политика, многу партиски и внатрепартиски престрелка, а малку сериозни чекори. Предлагаме итно да се донесе одлука за прогласување кризна состојба во Куманово и бараме, поради терање политика и надмудрување во рамките на СДСМ, да не страдаат граѓаните. Итно донесување одлука за прогласување кризна состојба во Куманово со цел да се канализира борбата со коронавирусот и да почне да се решава овој проблем. Тоа треба да се направи уште денес“, рече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека второто големо жариште, кое се отвора, е Прилеп, и рече дека ако не се дејствува денес, стравува дека потоа ќе биде предоцна.

Во Прилеп имаме огромна прогресија на вирусот. Владата и Венко Филипче не тестираат доволно. Тоа е сериозен проблем кој не може да го реши ниту полицискиот час. Денес залудно е тестирање во Прилеп на дваесетина сомнителни случаи кога други 40 чекаат на ред да бидат тестирани. Секој ден поминат без детектирање на заболените значи нови заболени, кои Министерството не ги бележи, а за жал, бројката постојано се зголемува.
Нашите информации се дека, за жал, во Прилеп бројката на заболени е далеку поголема од онаа што е евидентирана. На тие луѓе им треба соодветен третман, на тие луѓе им треба помош и им треба лекување. На тие луѓе треба да им се помогне за да се спасат човечки животи. Тоа не се прави затоа што не се тестира доволно. И знам дека од Министерството ќе излезат со некакви бројки, статистики, со кои ќе нè убедуваат дека се тестира доволно. Вие седете со вашите бројки, а јас ќе го слушам народот, а народот кажува дека не се тестира доволно. А во бројките државата исто како и во економските мерки покажува дека сериозно паѓаме надолу во сите листи во споредба со сите други земји не само од Европа туку од регионот, а за Европа не сакам ни да зборувам“, рече Николоски.

Николоски апелира веднаш прилепската болница да добие респиратори, да се направи тестирање на целокупниот медицински персонал и да добијат соодветна опрема.