Требаше во Вардариште да никне само „Лајка“, ама порасна рид од депонија

0
192

Требаше да никне стационарот „Лајка“ ама, наместо дом за згрижување на улични кучиња – како што неколку пати ветуваше градоначалникот Петре Шилегов, кај Вардариште, среде населба Маџари, никна дива депонија што неретко ја полни и ЈП „Комуналец“. Од вчера и официјално град Скопје призна дека свесно се креирала депонијата. Објаснуваат дека немале доволно време да го однесат скопскиот смет насобран од викендот под полициски час до Дрисла, па привремено го истурале во сред Маџари – буквално пред носот на околните жители.

-Екипите на скопски Комуналец собрале приближно 1000 тони отпад поради изминатиот викенд-полициски час, но немаа доволно време да го однесат во Дрисла, па привремено го складираа во Вардариште и во Карпош. Локациите денеска целосно се расчистуваат, објаснија вчера од град Скопје после инсистирањето од страна на медиумите.

Град Скопје молчеше додека новинарите не почнаа да прашуваат интензивно. Претходно на молбите, револтот и гневот на жителите на Маџари одговори само градоначалникот на Гази Баба кој се прогласи за ненадлежен за оваа депонија. Како и да е, иако вчера Град Скопје рече се расчистувала депонијата, односно дека само изминатиот викенд била наполнета, жителите го тврдеа спротивното.

-Тие чистат повремено, ама не од корен оти ова се полни од ден во ден. И каков изминат викенд под полициски час?! Оваа е чиста лага, депонијава трета година постои, а „Комуналец“ редовно си ја полни. Ќе поднесеме конечно соодветни пријави каде што треба, а и ќе ги информираме странските амбасади, вели Горан Илиев- жител на скопско Маџари.

Што стана со ветеното еколошко Скопје, односно „Скопје – зелен град“?! Се впиша ли само уште едно предизборно ветување на листата „никогаш исполнети“?