Во самоизолација сите владини функционери кои вчера го посетија Куманово

0
72
Foto

МАКЕДОНИЈА

Во самоизолација сите владини функционери кои вчера го посетија Куманово

Објавено пред 52 минути – 16 април, 2020

ОдМакфакс

Премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство, Венко Филипче, министерот за образование, Арбер Адеми, и државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев, кои вчера беа во посета на Куманово, во моментот одат во домашна изолација.

Како што информираат од владината-прес служба, оваа одлука следува по информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, е позитивен на Ковид-19, а кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово, на кои присуствуваа и владините функционери.

Се додава дека присутните на кризниот штаб ги почитувале протоколите за заштита и носеле заштитна опрема.

„Во овој момент се прават епидемиолошки процени во Куманово од страна на локалниот Центар за јавно здравје и се анализираат контактите на градоначалникот Димитриевски. Во текот на денот ќе се утврди колку и кои лица ќе треба да останат во 14-дневна изолација. Во Скопје почнаа анкетите од Институтот за јавно здравје со сите членови во Владата што беа присутни на состанокот по што ќе бидат дадени епидемиолошка процена на ризикот и насоки за понатамошно постапување“, се наведува во владиното соопштение.

Во него се додава дека Владата е подготвена за сите сценарија во врска со пандемијата, вклучително и за ваква ситуација.

„Работата продолжува да се одвива непречено преку дигиталните алатки за комуникација и за одржување состаноци. И во услови на изолација продолжуваат редовната комуникација и координацијата на сите процеси во државата и управувањето со кризата“, се наведува во соопштението.