Дискутабилно е требаше ли да се дозволи со заштитна опрема да се снабдуваме преку волонтери

0
56
Foto

 На меѓународниот Ден на здравјето, 7 април, разговараме со Гордана Бешлиовска, медицинска сестра со 27 годишно искуство, која сега е задолжена за безбедност при работа во ГОБ „8 Септември“,а воедно е претседателка на Унијата на здруженија на медицински сестри во Македонија, Зборуваме пред се за предизвиците пред кои тие се поставени…

Кои се главните проблеми со кои се соочуваат медицинските сестри и други во својата работа?

-Денешниот Ден на здравјето кој го одбележуваме, кој е воспоставен уште во 1948 година од Светска здравствена организација, е посветен како цела година токму на сестринството. Многу е важно на светот да му се покаже што прават и какво е значењето на медицинските сестри. Од околу 45 милиони здравствени работници во светот, околу 50 проценти, односно, 24-25 милиони се медицински сестри. Проценка на СЗО е дека во 2030 година во светот ќе недостасуваат околу 9 милиони медицински сестри. Во наша земја имаме околу осум илјади медицински сестри, а нашата Унија опфаќа околу 5.400 членови во пет зрдуженија. Светски стандард е да на 100.000 жители во здравствениот систем треба да има од 750 до 800 медицински сестри. Кај нас тој просек изнесува 350 сестри, значи, имаме двојно помал број од потребниот стандард. Тоа доволно кажува за нивен ангажман, оптоварување. Потребно ни е инвестирање во здравствените ресурси за да се подобрат условите за работа, да се подобри заштитата на работни места, потребни ни се фер плати, потребен ни е професионален развој. Ние немаме своја Комора, немаме посебен закон со кој би се регулирала нашата дејност. Годинешниов Ден на здравјето има токму мото чија цел е медицинските сестри да добијат поголема улога во креирањето на здравствените политики бидејќи сме важен дел од целиот здравствен систем.

Каков е ангажманот на медицинските сестри во овој период со кризата со корона вирусот?

-Ангажманот секако е голем. Нема здравствена институција која не е посебно ангажирана, а со тоа и медицинските сестри. Ние денеска изкажуваме голема благодарност кон она што го прават медицинските сестри на инфективните одделенија во клиниките во Скопје, Куманово, Битола, Дебар… насекаде каде се лекуваат новозаболените пациенти. Најголем дел од болничките установи воспоставија тимови кои работат по недела-две, па потоа следува ротација. Можете да претпоставите колкав и како одговорен е тој ангажман. Сестрите во останати здравствени установи се исто така активни – тие ги исполнуваат своите обврски но и делуваат здравствено-воспитно на планот на објаснувањето на превенцијата. Значи, се има еден максимален ангажман, мора да се применуваат новите протоколи за прием на пациенти, за третман, за заштита. Сето тоа во услови и на ризикот да се биде заразен од опасниот вирус.

Колку во сегашната ситуација е заштитен здравствениот персонал. Веќе се заразени 57 здравствени работници а има различни видувања за заштитата која ја имаат медицинските работници?

-Заразувањето на здравствените работници во голема мерка се должи на тоа што се немаа епидемиолошки анкети за да се знае на време дека се работи за ризичен пациент, на тоа што некои имаа асимптоматски форми на болеста, па се до тоа што граѓаните не даваа точни податоци. Но, основно е здравствените работници да имаат на себе заштитна опрема каква што се маски, ракавици, визири, наочари… зависно на нивото на заштита кое е потребно на одделението. На почетокот на кризата имаше големо негодување дека нема доволно маски и ракавици, дека болниците не се доволно снадбени, дека на едни им се дава повеќе, а на други помалку заштитна опрема, односно, дека не се добро заштитени. Сега гледам дека стивнуваат реакциите. Гледаме дека стасуваат и донации во заштитна опрема, дека во нејзино правање се вклучени волонтери. Но, дискутабилно е дали требаше да се дозволи да се снадбуваме преку волонтери.

Здравствените установи добија прашалник на кој одговорија колкави им се потреби за заштитната опрема во следниот период. Сега останува да се види дали сето тоа ќе бите и испорачано. Ние сме на првата кривина од кризата и во следниот период кој е клулен може и да се зголемат потребите. Значи, треба да се обебзади редовно снадбување со заштитна опрема. Ова е момент кога сите зависиме едни од други.