Почна олабавувањето на мерките – од утре скратен полициски час од 19 часот до 5 часот наутро

0
164

Владата на седница донесе одлука со која се скратува полицискиот час. Како што соопшти премиерот Оливер Спасовски на социјалната мрежа „Фејсбук“, полицискиот час ќе почнува во 19 часот и ќе трае до 5 часот наутро, а за време на викендите – од сабота во 15 часот до понеделник во 5 часот. Одлуката стапува во сила од утре.

„Секој работен ден, од понеделник до петок, ќе им биде дозволено движењето на граѓаните од 5 часот наутро до 19 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 19 часот и ќе трае до 5 часот наутро.

За лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 5 часот наутро до 12 напладне.

Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13 до 19 часот.
Од сега забраната за движење за викенд ќе почнува од 15 часот в сабота, а ќе трае до понеделник до 5 часот наутро.

В сабота за лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење од 5 часот наутро до 11 часот наутро. В сабота младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12 до 15 часот“, објави Спасовски на „Фејсбук“.