Трамп вели дека забелешките за ултравиолетовите зраци и дезинфекцијата биле сарказам

0
72

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека бил саркастичен кога зборувал за можноста за вбризгување дезинфициенти во човечкото тело за лекување на коронавирусот.

Трамп претходно предложи истражување на невообичаени методи за лекување на корона вирусот, меѓу кои и употреба на ултравиолетови зраци и вбризгување агенси за чистење во телата на пациентите.

Тој тоа го кажа на прес конференција откако му беше претставен извештај од советникот за наука и технологија во службата за безбедност Вилијам Брајан, во кој се тврди дека ултравиолетовите зраци и топлината имаат моќно влијание врз патогените.

Во студијата се наведува и дека избелувачот може да го уништи вирусот од плунката во рок од пет минути, додека исопропил алкохол може да го уништи за минута.

Идејата веднаш ја отфрли медицинската струка, а пулмологот Вин Гупта за Ен-Би-СИ Њуз ја предупреди јавноста дека тоа може да има фатални последици.

Реагираа и компаниите кои произведуваат такви средства и апелираа никогаш да не се инјектираат во човечкиот организам ниту варикина ниту средства за дезинфекција.