Заев: Наќе Чулев се обиде да спречи солидарна акција за помош на моите сограѓани, барам одговорност за тоа

0
223

„Барам одговорност за скандалот што доцна ноќеска се случи во Струмица, каде што преку злоупотреба на полицијата и државни институции ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев и Христијан Мицкоски се обидоа да спречат хумана, солидарна акција за помош на моите сограѓани“, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по информацијата дека полицијата вчера влегла во магацинот за контрола на хуманитарните пакети, кои се донација од семејството Заеви во време на кризата предизвикана од коронавирусот. Упадот бил додека волонтери од здружението „Сите заедно можеме“ пакувале пакети со прехранбени производи, а дистрибуцијата била запрена.

Заев порача дека очекува од надлежните институции да спроведат истрага и да ги посочат виновниците.

„ВМРО-ДПМНЕ преку полициски структури попречува хумантирна помош за граѓани преку злоупотреба на државни институции. ВМРО-ДПМНЕ со полициски режимски структури синоќа до раните утрински часови вршеше притисок и закани врз волонтери и членови на граѓанската организација.

Држеа млади волонтери во полициска станица, им се закануваа, само затоа што некој добил партиска задача и му смета солидарноста. Тоа е одлика на нелуѓе од еден режим што одамна го поразивме заедно со граѓаните. И затоа таквите партиски насилници мора да сносат одговорност. Македонската и струмичката солидарност е голема и ништо нема да ја спречи, најмалку неспособната режимска ВМРО-ДПМНЕ“, порача Заев.