Османи: Мерките за верските објекти подразбираат носење маски, одржување дистанца и дисциплина

0
87

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како Главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од Ковид-19, оствари посета на кризниот штаб во Струга, каде заедно со Градоначалникот на општината, Рамиз Мерко остварија средба и со претставниците на поголемите верски заедници, каде се осврнаа на последните случувања во општината поврзани со справувањето со Ковид-19.

Вицепремиерот посочи дека во соработка со верските заедници и стручните служби на Владата, се работи на сет мерки за верските објекти, кои пред сè подразбираат носење заштитна опрема, одржување на пропишаната дистанца, одржување ред и дисциплина и останати активности кои ќе обезбедат најпрво безбедност за здравјето на верниците, но и соодветно ќе се вклопат и во стратегијата на државата за заштита на колективното здравје и борбата против епидемијата.

„Настаните од пред неколку дена овде во Струга, покажаа недостатоци во справувањето со епидемијата кои директно ја загрозуваат стратегијата на државата во справувањето со кризата од пандемијата. Не е наше овде и веднаш да ја лоцираме одговорноста, ние овде, и како верски претставници, и како политички претставници, но пред сè како луѓе, имаме обврска да најдеме начин како ќе се погрижиме за здравјето и безбедноста на нашите граѓани, притоа да им овозможиме, колку е тоа остварливо и можно, да ги практикуваат верските и традиционалните обичаи во една нова нормалност“ истакна Османи по состанокот, изразувајќи задоволство од одржаниот состанок со верските заедници, кои покажале, како што вели и волја и интерес за примена на мерките за безбедност при одржување верски собири кои заеднички ќе ги утврдат со Владата.

„Добро е што овој настан го одржуваме овде во Струга, затоа што без разлика на настанот од пред неколку дена, Струга е град кој го симболизира соживотот и навистина е убаво од тука прво да ја испратиме пораката дека заеднички ќе ги усогласиме мерките, и дека се тие подеднакво важни за двете верски заедници, исто како што сите верници се подеднакво загрозени и во опасност од коронавирусот“ истакна Османи при што нагласи дека државата мора да покаже дека има исти аршини за сите, бидејќи само така ќе може да смета на поддршката од граѓаните во справување со пандемијата.