Роби Телекабел: Како си замислувате да земате од операторите и преку некој си Фонд со кој Владата ќе раководи, да ги делите нашите пари на медиумите?

0
104

Почитувани сограѓани, почитувани корисници на Телекабел,

Оваа информација и реалност сакав да ја споделам со Вас пред неколку месеци, но бидејќи се распушти Владата, настапи техничка Влада а веднаш потоа и вонредна состојба кога сите бевме во напната и стресна ситуација, реално не беше ни време ни момент за пишување статуси и оптеретување со нашите проблеми. Но, овие подметнувања и проблеми ќе Ве засегнат и сите Вас доколку ова лудило не престане.

Јас сум должен да се борам за интересот на компанијата, за своите вработени и корисници, па сакам сите да ја знаете вистината и последиците кои не очекуваат.

Се работи за наметнат проблем од страна на 5-те национални телевизии Сител, Канал5, Телма, Алсат и Алфа кои се трудат на секој начин да дојдат до пари. Па наместо да се концентрираат да работат профитабилно, тие прават притисоци врз претставници од Владата да и обезбедат пари од операторите. Уште пред два месеци почнаа да ги бојкотираат владините прес конференции со уцена да и обезбедат пари. Нормано, тоа никаде не се објавуваше освен на некој портал, бидеќи тие така знаат да работат – подло и по нарачка, а не транспарентно и вистинито како што и е улогата во општеството.

Под нивни притисок Владата пред да се распушти на последната седница изгласа измена во Законот за медуми со што за да оператор регистрира странски канал МОРА да обезбеди изјава од управителот на каналот заверена на нотар со која тој под целосна морална и кривична одговорност ќе потпише дека има регулирани авторски права (тоа би значило дека Директорот на Дискавери треба да дојде во Македонија да потпише изјава на нотар?!). И тогаш реагиравме кај Владата дека тоа не е можно да се обезбеди, но во страв од бојкот, Владата под притисок го изгласа фамозниот член. Целта беше да не можеме да ги регистрираме странските канали, а со тоа 5–те телевизии сметаат дека нивната гледаност ќе се зголеми?! Од како ја изгласаа измената на Законот сите оператори се сложивме дека ќе ги исклучиме сите канали и тоа како информација стигна до сите вас. Веднаш потоа Владините претставници увидоа дека направиле сериозна грешка, па по остварените состаноците со г-динот Спасовски, Манчевски и Џафери добивме ветување дека ќе најдат решение како да продолжиме со работа без да ги исклучиме каналите. Набрзо се воведе вонредната состојба и Владата донесе Уредба со која се стопира извршувањето на овој член, и на тој начин имаме можност да ги регистрираме странските канали. До кога, ќе видеме!

Од како ова не и успеа на националните телевизии, најдоа друг начин како да дојдат до сретства. Повторно ја бојкотираа владата и тоа во време на пандемија, и побараа таа да донесе УРЕДБА со која ќе и наложи на операторите да плаќаат по 100 денари од корисник за нив. Ние им понудивме опција-да ги ставиме во кодиран пакет па кој сака за нив да плати 100 денари плус, во ред. Но за нив тоа е неприфатливо бидејќи тие точно знаат колку вредат!
Во петокот бевме на состанок со Премиерот Спасовски за да му укажеме дека една таква Уредба ќе влијае на нашето работење и дека операторите и телевизиите се комерцијални компании и Владата нема право да се меша во тој однос.


Вчера добивме информација дека Уредбата ќе се однесува на формирање некаков Фонд за ПОМОШ на медиумите, а тој фонд ќе го полнат сите оператори кои ќе бидат задолжени да плаќаат 1% од БРУТО приходот.
Вчера и Министерот Дамјан Манчевски го потврди тоа на еден медиум, со образложение дека медиумите биле во криза и треба да и се помогне!


Па господине Манчевски, нели ,,режимот,, на Груевски ги помагаше медиумите, а вие на секое јавно појавување потенциравте дека со тоа влијае на јавното мислење? Сега како одеднаш кога сте вие на власт обезбедувањето пари на национални телевизии не е поткуп и не е влијание на јавното мислење?
Ако е помош заради пандемијата нека се пријават за добивање финансиска помош како и сите други компании во државата. Како си замислувате да земате од операторите и преку некој си Фонд со кој Владата ќе раководи, да ги делите нашите пари? И се тоа без јавна расправа, без да не повикате за мислење и без транспарентност каква што еден ваков трошок заслужува да има.
Во пандемија и вонредна состојба Уредба може да е оправдана само за здравството, а за давање наши пари на медиуимите, тоа не смеете да го дозволите.
Впрочем сите компании во Македонија се во криза! Зошто не се загриживте за приватните дуќанџии, угостителите, туризмот… Зошто медиумите имаат посебен третман кога и тие се приватни компании?
Ако се успешни ќе работат, ако не нека затворат или нека го продадат бизнисот.Тоа е лично нивна работа.
Почитувани сограѓани, во моите фирми до сега нема ни еден денар неплатен данок, ни еден непријавен работник, нема пријавени на 4 часа а да работат 10, никогаш немало плата во плик, никогаш не сум побарал пари од државата за ништо, не сум искористил ни една поволност почнувајќи од бранкови закони и отпис на обврски, па се до фондови за иновации, за развој и не знам уште какви не пари кои ги даваaт на ,,бизнисмени,, кои наместо иновации купуваат коли на децата. Не сум бил министер па од таа позиција да правам бизнис, татко ми не бил политичар или сопственик на транзициски фирми и рафинерии па да наследам нешто криминално како многу денешни ,,газди,,. Сам со мојот прекрасен, чесен,лојален и вреден тим 23 години се бореме и опстојуваме, се радуваме на успесите, горди сме што на крај секогаш сме победници против вакви подли и неспособни играчи во општеството.
И овој пат остро се спротивставуваме за оваа одлука на владата. Доколку се донесе ваква уредба и ни се наметне нова обврска, 5-те национални телевизии ќе бидат исклучени од Телекабел. Ние ги запознавме и странските фактори во државата и домашните и се уште имаме некоја надеж дека разумот ќе победи.
Новата давачка ќе продуцира покачување на месечната претплата, а во ова време на криза не е во ред да се покаче месечната претплата заради тоа што на некој му текнало дека граѓаните треба да ги финансираат Сител, Канал5, Алфа, Телма и Алсат?
Ако се укина радиодифузната такса, која е сега логиката на Владата да воведува давачки за да финансира приватни телевизии?!
Не можам а да не ја искоментирам иронијата во нашето општество. Пред да дојдат на власт ги обвинуваа медиумите дека се режимски, слушавме како вестите и се спремаа во Штабот на владеачката партија, како случајно они беа со камера на местата каде се апсеа претежно невини граѓани, како Државата и даваше милјони евра пари иако пари немаше за социјалните случаи и за лекувања за деца… и кога дојдоа на власт наместо да го преиспитаат нивното работење, Министрите Поповски и Манчевски си најдоа нови другарчиња па се чудат како да и угодат и да платат пак од џебот на граѓаните. При тоа не заборавајќи да ги оцрнат Операторите дека пиратираат, дека немаат регулирани авторски права иако знаат дека тоа не е точно бидејќи до сега нема ни една постапка за пиратирање пред суд, а сите наши канали се регистрирани во Агенцијата за медиуми согласно законот.
Која е потребата да оцрнуваш и оштетуваш успешни фирми кои ништо не ти бараат, плаќаат давачки, вработуваат луѓе, на сметка на неколку медиуми кои се неспособни да заработа? А и да неможат да заработат, нивните газди имаат доволно ,,заштедено,, па нека извадат и нека си ги покријат загубите.
Телекабел и сите останати оператори не се должни да ги финансираат!
Жална е нашата држава што со вакви грешки – толерирање на луѓе кои нанесувале огромни штети на општеството, дава лош пример на младите. Кој да и биде идол на децата? Дали тој чесно што работи и на кого душата му ја вади која власт и да дојде, или лешинарите кои со уцени и поткуп доаѓаат до милјони евра? И никој од нив не одговара! Во ваква држава каде сите вредности се искривени, не се за осудување сите што се иселуваат. Неправдата, понижувањето и немоќта која ја чувствуваат нашите граѓани продуцира само иселување од овде. Надеж дека во некое друго општество ќе се исти пред законот и пред институциите.
На крај само се чудам, како не ви стана јасно дека милјоните евра не ве прават среќни. Мирот и спокојот, среќните лица на семејството, насмевката на граѓаните немаат цена.
Искрено се надевам дека Владата нема да донесе избрзана одлука како што беше случајот со измените на законот за медиуми, бидејќи лесно е да направиш грешка, тешко е таа да се исправи. Ако така лесно си нанесуваме штети и немири, тогаш која е поентата на нашиот стремеж кон европските вредности?

Останете во добро здравје драги пријатели.