Чулев: Постапував во согласност со законот, антикорупциската ја отфрли пријавата на Петровска

0
96
Foto

Државната комисија за спречување корупција во изминатиот период постапуваше по пријави поднесени од страна на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, и дополнителниот заменик-министер, Славјанка Петровска. Во првиот случај од страна на министерот Чулев беше доставена пријава како резултат на одлуката на Владата за поништување на решенијата за распоредување, а во вториот случај од страна на дополнителниот заменик-министер, Славјанка Петровска, беше поднесена пријава за наводни незаконитости и коруптивни дејства во постапка за објавување и избор на кандидати по интерни огласи во МВР.

Во случајот во кој министерот Чулев се јавува како подносител на пријавата, Државната комисија за спречување корупција донесе одлука дека таа се прифаќа, а во случајот на дополнителната заменик-министерка таа се запира со одлука на ДКСК.

Чулев преку соопштение информира дека во однос на пријавата поднесена до ДКСК донесена е одлука, според која, Владата со донесувањето на одлуката за поништување на решенијата за распоредување на работно место и наредби за извршување наредби и задачи со која е поништено и решението со кое се именува началник на секторот за внатрешни работи во Тетово, ја прекршила забраната утврдена во чл. 8-а став 1 алинеја 3 од Изборниот законик и во членот 34 став 1 алинеја 3 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Одлуката на Владата била донесена на 18.2.2020 година, два дена по донесување на решението за распишување на предвремените избори за пратеници од страна на претседателот на Собранието, односно таа била донесена за времетраење на изборниот процес кога важат забраните утврдени во чл. 8-а ст. 1 алинеја од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

„Во однос на пријавата од дополнителниот заменик-министер, Славјанка Петровска, ДКСК донесе одлука со која постапката се запира. Во образложението на одлуката ДКСК утврди дека во предметниот случај не се направени никакви прекршувања на законските и подзаконските акти какви било коруптивни дејства, дека во предметниот случај е променета фактичката состојба, односно од страна на Владата биле донесени одлуки за поништување решенија за распоредување на работно место и наредби за извршување работи и задачи, со кои биле поништени повеќе решенија донесени од министерот за внатрешни работи, потпишани само од него во периодот од 6 до 17 февруари 2020 година и дека во конкретниот случај станува збор за прашање поврзано со надлежно постапување на друг надлежен државен орган, односно се работи за несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик, во кој случај, во согласност со одредбите на Законот за Владата, должна е да постапи Државната изборна комисија“, информира Чулев.

Во согласност со тоа, Чулев смета дека донесувањето на решенијата за распоредување и наредби за извршување работи и задачи во изминатиот период го правел во согласност со Законот за Владата, одредбите регулирани во делот на техничката Влада, Законот за внатрешните работи, Колективниот договор и Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и сите релевантни подзаконски акти.