Началникот на генералштабот првпат учествуваше на Воениот комитет на НАТО

0
107

Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска првпат како полноправен член, учествуваше на 183. редовно заседание на Воениот комитет (ВК) на НАТО, највисокото воено советодавно тело на алијансата.

На заседанието, кое првпат се одржува по пат на телеконференциска врска, началниците на генералштабови на Армиите на 30-те земји членки согласно агендата разговарале за тековните операции, мисии, активности и оперативните заложби за градење стабилност и зајакнување на партнерствата.

„Во своето обраќање генералот Ѓурчиновски ја има повторено нашата заложба и целосна посветеност во соработка со сојузниците за подобрување на безбедноста во регионот и глобално, овој пат како полноправна земја членка. Воедно е искажана благодарност за поддршката за приемот во НАТО и за пружената помош и асистенција од сојузниците при справувањето со актуелната глобална здравствена криза“, соопшти АРМ.

На конференцијата се разговарало за улогата на НАТО во рамките на кризата предизвикана од Ковид-19 и на можностите за понатамошна поддршка на сојузниците кои искажуваат потреба за тоа.