Вработен во обезбедувањето на Пендаровски заразен со Ковид-19

0
98

Вработен во обезбедувањето на претседателт Стево Пендаровски е заразен со Ковид-19. Од Кабинетот на претседателот информираат дека тој немал директна комуникација со Пендаровски, но дополнително биле тестирани 11 лица, кои биле во контакт со него, и се негативни. Претседателот продолжува со извршување на редовните работни обврски.

„Вчера, во попладневните часови извршено е тестирање на Ковид-19 на едно лице од тимот на обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски, вработен во Министерството за внатрешни работи, при што е утврден позитивен резултат.

Членот на обезбедувањето на претседателот е дел од поширокиот тим на обезбедување, што значи дека немал директна комуникација со претседателот. Минатата седмица користел годишен одмор, а последен пат бил на работното место на 11 мај 2020 година. По спроведената епидемиолошка анкета, утврдено е дека е потребно да се тестираат дополнително 11 лица што биле во контакт со лицето што е позитивно на Ковид-19. Сите 11 лица беа тестирани и се негативни на Ковид-19, но и покрај тоа, остануваат во самоизолација до 25 мај, до истекот на инкубацијата од 14 дена.

По извршената епидемиолошка анализа, претседателот Пендаровски и членовите на неговото семејство се оценети како контакти од втора линија за кои, според епидемиолошкиот протокол, не се препорачува изолација. Претседателот продолжува со извршување на редовните работни обврски.

Кабинетот на претседателот продолжува непречено да функционира во согласност со препораките за заштита од Ковид-19. Во изминатите два месеца вработените работат по поинаков распоред. Повеќето од активностите се одржуваат на отворено. На средбите и настаните се одржува препорачаното физичко дистанцирање, се користи заштитна опрема, како маски и ракавици, средства за дезинфекција, а редовно се чистат и дезинфицират просториите во Вилата „Водно“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.

За денеска, во 12 часот, во Вилата „Водно“ е закажана лидерска средба.