Чулев: Владата да ја усвои Уредбата со која е предвидена награда за полицајците

0
113

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ја повика Владата да ја усвои Уредбата со која е превидена награда за полицајците. Рече дека полицијата професионално одработила во периодот од речиси 70 дена од 22 март кога беа воведени забрани за движење на граѓаните.

„ Полициските службеници, професионално, одговорно и пожртвувано си ја извршија својата задача. Најтешко го доживувам моментот кога одредени колеги од Владата ја злоупотребуваат полицијата за остварување на политички цели. Стојам на ставот дека тие треба да ја добијат паричната награда која ја заслужуваат. Ја повикувам Владата да ја усвои Уредбата“, рече министерот Чулев.

Тој извести дека изминатиот период вкуно 4783 лица не ја почитувале одлуката за ограничено движење, 3110 лица биле приведени. Поднесени се кривични пријави против 3412 прекршители.

„ Покрај намалувањето на рестриктивните мерки, сепак, не треба да заборавиме дека вирусот и натаму е присутен во нашата земја. Апелирам да ги почитуваме мерките и одлуките на Владата за групирање, држење дистанца и носење заштитна опрема. Во наредниот пероиод ќе бидат зајакнати контролите во однос на почитување на одлуките на Владата за дистанца и носење заштитна опрема“, рече министерот Чулев.

Негова генерална оценка е дека граѓаните ги почитувале ограничувањата и биле сојузници на полицијата која ги контролираше мерките.

„ Во неколку наврати потенцирав, а денес уште еднаш ќе подвлечам дека граѓаните се одговорни и генерално ги почитуваа мерките на Владата. Појавата на коронавирусот го изненади целиот свет, а не беше поштедено ниту МВР. Нашата работа е составена од изненадувања, за жал, најчесто негативни. Во оваа прилика, дозволете да констатирам дека МВР успеа брзо да се екипира, организира и да ги стави сите капацитети за заштита на секој поединец. Благодарност до сите вработени во МВР, а посебно на униформираните полициски службеници за секој час, секоја минута. Често ги посетував службениците на пунктовите, од очите на полицајците се гледаше патриотизам, гордост, но и несигурност“, рече министерот Чулев.