Николов: Комисијата за заразни болести работи под диктат на Заев

0
102

Организирање на избори во ваков пик на коронавирус претставува масовно самоубиство, смета Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, деновиве станало јасно, дека постои силно политичко влијание и притисок врз Комисијата за заразни болести и оти тие работат под политички диктат на Зоран Заев и Венко Филипче.

„Наместо заштита на здравјето на граѓаните, Комисијата се труди да му удоволи и да ја спаси политичката кариера на еден политичар во заминување. И додека во земјите од регионот и во светот се прават јасно детерминирани и дефинирани планови за разлабавување на мерките, претседателот на Комисијата и членовите од кои 6 директори назначени од Филипче, и еден на листа за пратеници, сакаа да му удоволат на Зоран Заев“, рече Николов.

Тој додаде дека професионално размислување на лекар, никогаш не би потврдило и препорачало дека во вакви услови, можни се безбедни избори.

„Македонија се претвори во земја која го има својот втор пик на корона вирус уште сега. Кампањата и делењето на пакети по штабовите на СДСМ си го сторија своето. Статистиката говори дека Македонија, е на второ место во Југоисточна Европа по број на починати на 1 милион жители веднаш после Романија. Имаме повеќе починати на 1 милион жители од Грција, Бугарија и Албанија заедно. Земјите од опкружувањето како Црна Гора, Словенија и Хрватска, во последните неколку недели немаат ниту еден ново регистриран случај“, додаде Николов.