Шекеринска: Важно е да добиеме активно Собрание што поскоро

0
143

Согласно прогласената нова вонредна состојба од 2 недели, и согласно законските рокови, 5 јули е точниот датум кога ќе се одржат изборите, изјави Радмила Шекеринска, по средбата со регионалниот изборен штаб. Шерекринска вели дека навлегувањето во други датуми по 5 јули носи опасност да се загрози гласачкото право на граѓаните, бидејќи ќе го спротивстави со правото на одмор.

Таа е децидна дека не смееме да дозволиме државата да продолжи да функционира со техничка влада и без Парламент. Токму овие две институции, вели Шекеринска, мора да се во полн технички и политички капацитет, заради успешно справување со Ковид-19 и последиците од него.

„Изборите мора да се одржат на истекот на 22 дена по завршување на вонредната состојба односно во конкретниот случај на 5 јули. Не постои никаков друг правен механизам, без разлика колку и тоа да не им се допаѓа на одредени политички партии и лидери. Добро ќе беше овој датум да се потврди и со консензус, но мора да знаеме дека имаме одговорност пред државата, пред граѓаните и нивното здравје. Не смееме да се втурнеме во бескрајни преговори кои ќе ги држат граѓаните во неизвеснот, само затоа што Мицкоски се плаши од избори и затоа преку своите министри прави саботажи кои се на штета на граѓаните. Важно е за нашата парламентарна демократија, за нашата економија, но првенствено за граѓаните и за нашето здравје да добиеме ново активно Собрание, ден поскоро и тој ден е 5 јули“, рече Шекеринска.

Според неа, секој оној кој сака да ги одложи изборите, сака да ја продолжи кризата. Таа вели дека во период кога мерките се олабавуваат, кога можеме по посебни заштитни протоколи да посетуваме маркети и трговски центри, да посетуваме угостителски објекти, по заштитни протоколи ќе можеме и да го оствариме своето избирачко право, без закани по нашето здравје или здравјето на другите.

„Нашите здравствени експерти ја следат ситуацијата, нашите медицински капацитети се сериозно зголемени за разлика од времето пред коронавирусот. Треба да знаеме дека ако имавме на пример по 40 заболени дневно на почетокот на кризата, кога не знаевме со што се соочуваме, ни оддалеку не се исто со 40 заболени сега, кога сме целосно подготвени и кога епидемиолошките кластери се под контрола“, додаде Шекеринска.