Словенија официјално прогласи крај на епидемијата на Ковид-19

0
142

Словенија официјално прогласи крај на епидемијата на коронавирус. Од денеска се олеснети рестриктивните мерки, а со работа почнуваат фитнес-центрите, салоните за убавина, базените и големите хотели.

Од денеска дозволени се собири со 200 луѓе, а оваа недела на училиште ќе се вратат учениците од основно и средно образование.

Исто така, носењето заштитни маски повеќе не е задолжително, но останува препораката за нивно носење. Всушност, маските не беа задолжителни уште од 18 мај, кога стапи на сила новата владина уредба со која се дозволува собирање до 50 лица во јавност.

Во последните 24 часа во Словенија нема нови случаи на коронавирус, а тестирани биле 264 лица, објави словенечката влада. Во истиот период нема ниту еден смртен случај од Ковид-19.

Ова е трет последователен ден без нови случаи и петти последователен ден без смртни случаи од Ковид-19.

Во Словенија се потврдени вкупно 1.473 случаи и 108 смртни случаи. Во болница се шест пациенти, од кои двајца на интензивна нега.

Од 26 мај на државјаните на земјите од ЕУ и шенген-зоната им е дозволен влез во Словенија без задолжителен карантин.