ВМРО-ДПМНЕ: Во денови кога стотици граѓани се заразиле, а десетина починале од корона, СДСМ уште зборува за избори

0
99

Во денови кога стотици граѓани се заразиле, а десетина починале од корона, СДСМ уште зборува за избори, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на соопштението на СДСМ дека избори треба да има на 5 јули.

„Однесувањето на СДСМ е веќе загрижувачко. Во овие неколку денови кога стотици лица се заразиле, а десетици починале од коронавирусот , тие уште зборуваат за избори. Во услови кога пола влада е во изолација, тие говорат за датум на избори. Кога секој ден заболуваат и умираат луѓе и имаат свои партиски функционери заболени, тие водат кампања, се среќаваат со граѓани, држат состаноци и делат партиски материјал. Ова веќе не е комично, ова е трагично“, пишува во реакцијата.

Граѓаните, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, веќе јасно гледаат дека СДСМ и Заев не се грижат за здравјето и живото на луѓето, туку само за тоа како да го ублажат својот изборен пораз и на тој начин да му ја спасат кариерата на Заев.

„Продаваат лажна нормалност и со тоа уште повеќе придонесуваат епидемијата да се шири. Потоа кога состојбата ескалира тие бараат виновници во други, а не во самите себе. Целта на СДСМ е јасна, да се оди на избори во ек на епидемија со цел мала излезност и мал изборен пораз, па макар и по цена на животот и здравјето на граѓаните. Навистина срамно и долно.
ВМРО-ДПМНЕ е различно од СДСМ. Македонија прво треба да ја победи епидемијата, а потоа на избори ќе го победи хибридниот режим на Заев, неговата неспособност, криминал и корупција во која ја држи државата три години“, пишува во реакцијата.