Инспектори биле спречени да направат надзор во кафеана, внатре бил лидер на политичка партија

0
142

Вработени во угостителски објект на Боемската улица во Дебар Маало не им дозволиле на инспекторите од Пазарниот инспекторат да извршат надзор во внатрешниот дел од кафеаната, а по два и пол часа, бил забележан лидер на политичка партија како излегува од објектот.

Раководителката на инспекцискиот надзор за Скопје, Мери Проја-Продановска, рече дека инспекторите немаат надлежност да легитимираат и не откри за кој политичар станува збор.

„Околу 18.15 часот инспекторите беа спречени да извршат увид со образложение дека угостителскиот објект е од затворен тип и нема гости внатре, па колегите продолжија во други угостителски објекти, но сепак се вратија кај истиот објект со уште една замолница да се отвори објектот да се направи надзор. По два и пол часа, успеавме да влеземе, но имаше други дејства пред тоа од објектот, излегле луѓе од објектот, нормално, инспекторите не може да направат легитимирање, но препознаен е лидер на политичка партија“, рече таа.

Продановска рече дека Државниот пазарен инспекторат не прави разлика меѓу граѓаните и упати апел до политичарите, до сите носители на функции и граѓани, да се свестат дека ситуацијата е повеќе од драматична.

Угостителскиот објект ќе добие кривична пријава за спречување да се изврши инспекциски надзор и за тоа што работел во внатрешниот дел и покрај забраната и одлуката на Владата угостителите да служат гости само на летните тераси.