Комисијата предлага карантин во некои општини од четврток вечер до понеделник наутро

0
56

Комисијата за заразни болести до Владата ќе достави предлог за повторно враќање на полицискиот час за време на претстојниот продолжен викенд поради празникот Задушница и зголемениот број нови случаи на коронавирус во изминатите денови.

Комисијата предлага полициски час од четврток (4 јуни) од 21 часот до понеделник (8 јуни) до 5 часот наутро во Скопје – сите скопски општини, општина Куманово, општина Липково, општина Штип, општина Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.

Во сите други градови Комисијата предлага полицискиот час да трае од четврток (4 јуни) од 21 часот до петок (5 јуни) до 5 часот наутро. Другите денови полицискиот час да почнува од 16 часот и да трае до следниот ден до 5 часот наутро.

Поради зголемениот број на новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјата, денеска, министерот за здравство, Венко Филипче, одржа координативен состанок со членовите на Комисијата за заразни болести, претставници на локални центри за јавно здравје и претставници на Министерството за внатрешни работи, на кој се разговараше за понатамошното дејствување во насока на спречување на ширењето на заразата.

„Дополнително, на состанокот, на претставниците на Министерството за внатрешни работи им беа укажани тешкотиите со кои се соочуваат екипите на терен во однос на пристап до луѓе за тестирање и прекршувања на мерката за самоизолација. Од службите на МВР беше побарана поголема ажурност, ефективно дејствување на терен, контрола и санкционирање на прекршувањата на мерките“, соопшти МЗ.

Во последните 24 часа направени се 974 тестирања, а регистрирани се 101 нов случај на Ковид-19, информираат од Минитерството за здравство, од кои најголемиот број во Скопје – 59. Другите се од Куманово – 12, Штип – 7, Прилеп – 1, Тетово – 5, Струга – 6, Велес – 1, Охрид – 1, Кавадарци – 1, Гостивар – 3, Кочани – 3, Пробиштип – 2.

Во изминато деноноќие регистрирани се и четири смртни случаи.