За продолжениот викенд се забранува работа за текстилните и кожарските фабрики во Штип

0
81

Текстилните и кожарските фабрики на подрачјето на општина Штип не смеат да работат за време на претстојниот продолжен викенд, одлучи денеска Главниот координативен кризен штаб.

„Се забранува издавањето дозволи за работа за време на викенд за фабриките од текстилната и кожарската индустрија во подрачјето на општина Штип, односно истите ќе останат затворени“, се вели во заклучокот на координативниот штаб.

За сите останати правни субјекти и економски оператори, маркети и доставувачи на храна во Штип продолжуваат да важат претходно издадените дозволи за движење за време на полициски час.

Во Штип, како и во Скопје, Тетово, Куманово и Липково, од вечерва во 21 часот ќе стапи на сила 80-часовен полициски час, како мерка против ширење на коронавирусот откако бројот на новозаболени достигна нов пик, посебно во овие делови од државата.