Кривични пријави за вкупно 22 угостители во туристичките места, не ги почитувале протоколите и примале гости

0
92

Од петокот до сега се утврдени 22 непочитувања на владините мерки од страна на категоризираните сместувачки и угостителски објекти и врз основа на членовите 205 и 206 од уредбата за истите ќе бидат поднесени кривични пријави, изјави раководителката на Инспекциски надзор, Мери Проја Продановска, која денеска е во Охрид.

Државниот пазарен испекторат во моментот е со засилен надзор на правни субјекти на Охридското крајбрежје, а контроли се вршат со полициска асистенција со цел да обезбеди максимално почитување на мерките и протоколите за заштита од КОВИД-19.

„ Најголемиот дел од прекршувањата 8 се во Охрид, 4 во Струга, 5 во Битола, 3 во Дојран, и по едно во Маврово и Кочани. При направените надзори е утврдено присуство на гости во сместувачките објекти иако засега тоа не е дозволено. Исто така кај двајца угостители од Охрид е утврдено непочитување на протоколите и работното време“ додаде Продановска.

Сепак, од контролите на терен рече таа изминатите два дена кај поголемиот дел на правни субјекти може да се забележи почитување на владините мерки.

„Можеме да констатираме дека генерално економските оператори ги почитуваат протоколите, а ние денес продолжуваме со работа на Охридското крајбрежје со засилени екипи од Скопје и со асистенција на полицијата“ заклучи Продановска.