Обезбедена плазма за третман на 23 пациенти со Ковид-19, надлежните ги повикуваат излечените да донираат

0
109

Министерството за здравство ја информира јавноста дека во изминатиот период се реализирани 16 дарувања на конвалесцентна плазма, од кои седум дарувања со постапка плазмафереза на клеточен сепратор и 9 преку стандартно дарување на целокупна крв.

„Со ова, обезбедени се 23 единици конвалесцентна плазма за третман на исто толки пациенти со Ковид-19“, информираат од ресорното министерство.

Од таму објаснуваат дека конвалесцентната плазма содржи антитела против коронавирусот создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста. Тие создадени антитела се присутни во плазмата и истите со дарување на плазма може да се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19.

Коронавирусот е нова закана за јавното здравје поради брзото ширење и се прават огромни напори тоа да се спречи, па затоа од Министерството изразуваат голема благодарност до сите оние излекувани пациенти кои дарувал плазма.

Воедно од таму упатуваат апел до сите кои се соочиле со вирусот да даруваат плазма, истакнувајќи дека дарител може да биде секое лице кое е излечено од Ковид-19 и кое ги исполнува условите за дарување наведени во протоколот.