Прв случај на коронавирус во Црна Гора по 42 дена

0
57

Црногорскиот Институт за јавно здравје го потврди новиот случај на зараза со коронавирус, прв по 42 последователни дена кога сите тестирани граѓани беа негативни.

Станува збор за лице коешто минатата недела престојувало во Босна и Херцеговина и чии контакти биле минимални при неговото враќање во Црна Гора.

„Пациентот останал во самоизолирање од превентивни причини и на свое инсистирање, каде е во моментов. Во тек се епидемиолошки истражувања, а првичните податоци укажуваат дека бројот на контакти е минимален“, соопшти Институтот за јавно здравје на Црна Гора.

На почетокот на јуни, Црна Гора го прогласи крајот на епидемијата на коронавирус на нејзината територија, откако по 28 дена по ред, односно два периоди на инкубација, не беше регистриран нов случај. Претходно, таа беше прва земја во Европа без активни случаи на Ковид-19. Оттогаш, Црна Гора ги отвори своите граници за 130 земји со стапка на заболување од помала од 25 на 100.000 жители и ги укина повеќето преземени мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот.