Народен правобранител: Училиштата не смеат да наплаќаат за сведителствата

0
94

Народниот правобранител, имајќи ги предвид сознанијата дека дел од училиштата во државата им наплаќаат на учениците за издавање свидетелство за завршено образование, како и дека наведеното е долгогодишна практика, а во некои училишта се случува првпат, укажува дека училиштата не смеат да наплаќаат за издавање на овој документ.

„Согласно правната регулатива која го уредува правото на образование, секое дете има право на бесплатно и квалитетно основно воспитание и образование, односно право на средно образование кое е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови. При тоа, средното образование во јавните средни училишта е бесплатно“, се наведува во соопштението.

Со оглед дека учебната година заврши, a на учениците треба да им бидат издадени свидетелства, кои, пак, се неопходна документација за запишување, односно продолжување на образованието, Народниот правобранител им укажува на училиштата дека свидетелството претставува јавна исправа која во еден примерок му се издава на ученикот и за издавање на истото не смеат да ги условуваат учениците, односно родителите/старателите со претходно уплаќање на определени средства.

„Во тој контекст Народниот правобранител ги охрабрува учениците, односно нивните родители/старатели ваквите случаи на наплата кои се вршат спротивно на закон да ги пријават во Државниот просветен иснпекторат или кај Народниот правобранител, а воедно апелира од страна на овој орган кој врши контрола над работата на училиштата и остварувањето на правата во областа на образованието соодветно да реагира за да ги спречи ваквите незаконити наплати и истите да се санкционираат“, пишува во соопштението.