Нова онлајн платформа од Министерството за финансии за донации за справување со коронавирусот

0
65

Министерството за финансии во соработка со Меѓународниот републиканскиот институт (ИРИ), УСАИД, како и со поддршка на Министерството за здравство и Владата, изработија веб платформа solidarnost.gov.mk преку која граѓаните и правни лица ќе можат да донираат во солидарните фондови за борба против Ковид-19 на Министерството за здравство и Владата.

Целта на новоотворената веб-страница е да се олесни процесот за оние кои што сакаат да донираат за полесно справување со кризата предизвикана од коронавирусот, да овозможи јавно признание на тие кои донирале и да поттикнува солидарност.

„Досега во овие два фонда се собрани околу 200 милиони денари. Дополнително ја креиравме платформа за едноставен и брз придонес, на секој кој може, да се приклучи во борбата против Ковид-19. Solidarnost.gov.mk на брз и едноставен начин дава можност на сите граѓани и фирми да подадат рака во надминување на овој предизвик и да донираат, како и да се запишат во листата на донатори на страната. Донациите во двата солидарни фонда соодветно се наменети за набавка на опрема за здравството и за социо-економски мерки за поддршка на повеќе категории на граѓани на кои им е потребна помош“, вели министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Од досега собраните средства во фондот на Министерството за здравство, во кој донирале граѓани, компании и амбасади на странски држави, набавени се материјали и опрема за монтажната болница која го зголемува капацитетот на Инфективната клиника за повеќе од 70 кревети.

Средствата кои се донираат на сметката на Владата, пак, се наменети за социо-економски мерки и всушност претставуваат директна помош од човек на човек и подавање рака на оние категории граѓани кои што се најмногу погодени од кризата.

Преку solidarnost.gov.mk сите домашни и странски, правни и физички лица, можат да донираат финансиски средства кои ќе бидат наменети за помош и поддршка на оние кои се директно погодени од кризата, а сите донации кои ќе се уплаќаат преку оваа донаторска платформа, ќе бидат ослободени од банкарски трошоци.