Пуштена во употреба монтажната болница за лекување на заразените од Ковид-19

0
116

Од вчера е пуштенa во употреба монтажната болница за лекување на пациентите заболени од Ковид-19, по големиот наплив на пациенти во последниов период. Засега, таму се сместени тројца паценти.

Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека „ова е најголемата здравствена криза до сега“ и дека интензивно се работи на реорганизација со цел да се одговори на напливот на пациенти.

Во моментов, во болниците се сместени 330 пациенти заболени од Ковид-19.

„Клиниките се оптоварени, а здравствените работници се изморени по четиримесечна борба. Се очекува дека бројот на испишани пациенти ќе биде помал од бројот на примени пациенти, а потоа се очекува состојбата да стивне“, вели Филипче.

Целиот фокус во изминатите денови, тврди тој, бил насочен кон клиничкиот дел и реорганизација на болниците.

„Во оваа фаза од епидемијата мора да се реорганизираме и можеме да го заштитиме здравствениот систем и да го намалиме притисокот врз здравствените работници. Во моментов капацитетите се различно пополнети, далеку од максимумот, но има ротации, а и приватните болници го понудија својот капацитет и поддршка“, рече Филипче.

Во Битола има 20 слободни кревети, 16 во Кавадарци, а добри се и капацитетите во тетовската болница, каде се сместени 8 пациенти.

Во ГОБ „8 Септември“ има голем број слободни кревети, капацитетот е 250 и кадарот во болницата е целосно посветен на лекување на заболените од Ковид-19.