Секој петти човек е во опасност од потешка форма на Ковид-19

0
108

Околу 1,7 милијарди луѓе, или повеќе од една петтина од светската популација, се изложени на ризик од потешка форма на Ковид-19 поради придружни заболувања како што се срцева слабост или дебелина, покажуваат анализите.

Новиот коронавирус, од кој починаа повеќе од 420.000 луѓе во првиот бран на пандемија, посериозно ги погодува пациентите со позначајни коморбидитети, односно нивните основни болести.

Тим експерти од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина анализирале глобални податоци за низа болести како што се дијабетес, заболувања на белите дробови и ХИВ инфекција за да проценат колку луѓе во светот имаат поголема предиспозиција за развој на потешка форма на Ковид-19.

Откриле дека секое петто лице во светот има барем едно основно заболување кое го става под поголем ризик.

Иако сите тие луѓе на би развиле сериозни симптоми во случај на инфекција, научниците предвидуваат дека околу четири проценти од светската популација, 350 милиони луѓе, веројатно ќе завршат во болница.

„Земјите излегуваат од карантин и владите бараат начини да ги заштитат најранливите од вирусот што сè уште циркулира“, вели еден од авторите, Ендрју Кларк.

Тој додава дека резултатите од студијата би можеле да им помогнат на владите да дадат приоритет за вакцинација откако ќе се најде вакцина против заболувањето кое го предизвикува коронавирусот.

Во согласност со резултатите од другите студии, и во оваа авторите заклучиле дека постарите лица се изложени на поголем ризик од развој на потешка форма на болеста.