(Видео) Николовска: МЕПСО склучило договори за хотелско сместување во четири очи

0
106

Вчера раководството на АД МЕПСО во крајно нетранспарентен процес склучило три договори за хотелски услуги и сместување во вкупен износ од 7 милиони 190 илјади денари, односно речиси 117 илјади евра, изјави Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа кажа дека договори се склучени со фирмата Друштво за производство трговија и услуги ‘Викторија’ ДООЕЛ Скопје во износ од 176.180 денари, вториот со Друштво за трговија, превоз, туризам и услуги ‘Апекс фор’ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје во износ од 4.271.137 денари и третиот со Друштво за производство, трговија и услуги ‘Кеопс плус’ ДООЕЛ увоз-извоз Битола во износ од 1.743.525 денари. Николовска вели дека сите овие договори се на име услуги за хотелско сместување.

„Во услови кога Македонија е во втор пик на корона-криза со троцифрени бројки на заразени, државното претпријатие МЕПСО склучува договори за хотелско сместување. Во време кога над 20 илјади граѓани немаат земено плата за месец април, власта на Заев и СДСМ договараат милионски суми за хотелски услуги и сместување. Патем, да биде уште посомнително, ваквите договори се правени во четири очи, без целосно јасни критериуми и во нетранспарентна постапка“, кажа таа.