Шекеринска: Берлин ни понуди лекување на нашите пациенти во Германија

0
153

Германија им понуди на сите земји членки на НАТО третман на пациенти со Ковид-19 во своите болници. Ваква понуда добила и нашата земја, соопшти министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, по денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, што се одржа преку видеоврска.

„Франција ја доби помошта од Германија за третман на пациенти во своите клиники и оваа понуда Германија ја дава на сите земји членки на НАТО. Таква понуда доби и нашата земја во телефонски разговор со германската министерка за одбрана пред еден и пол месец“, рече министерката.

Таа исто така соопшти дека на состанокот бил донесен оперативниот план на алијансата за координирана акција во справување со пандемијата на коронавирусот.

„НАТО создава заеднички фонд кој ќе ги покрие итните потреби на земјите членки и фонд што ќе се користи за набавка и обезбедување медицинска опрема, но и транспорт на опремата, на пациентите и на здравствените работници. Се договоривме во рамките на алијансата да се создаде резерва од медицинска опрема. Секогаш 30 сојузници се помоќни од една земја членка и затоа можеме да излеземе како победници и како сојуз и од оваа глобална криза“, рече Шекеринска.