Пријавете се за новиот паричен надоместок за невработени, аплицирањето трае уште една недела

0
144

Оние што останале без работа во пикот на здравствената криза, независно од времето поминато во работен однос, можат да дојдат до помош за полесно да го премостат периодот на невработеност.

Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, во гостувањето во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, апелираше до лицата кои потпишале спогодбен отказ или дале лична изјава за прекин на работниот однос, да аплицираат во Агенцијата за вработување до 26 јуни.

-Според Уредбата, сите оние коишто останале без работа во периодот од 11 март до 30 април, без разлика дали потпишале спогодбен отказ или лична изјава, или добиле отказ од работодавачот, ќе можат два месеци да примаат паричен надоместок, посочи Шкријељ.

Аплицирањето е веќе во тек. Сите оние кои имале прекин на работен однос во посочениот период треба да поднесат барање до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување.

Рок за поднесување на барањата е 26-ти јуни. Досега во Агенцијата се пристигнати над 2.300 барања.