Комисијата за заразни болести предлага отворање на казината и теретаните

0
104

Министерот за здравство, Венко Филипче, кажа дека денеска на состанокот на Комисијата за заразни болести се разговарало за дополнително попуштање на мерките, пред сѐ на мерките коишто сега значат забрана за работа на повеќе економски оператори.

„Донесена е одлука да се предложи на Владата да се отворат според строгите протоколи, казината, автомат-клубовите, и апаратите во обложувалниците. Понатаму, да профункционира јавниот превоз во Тетово, и кон крајот на оваа недела и отворање на теретаните и фитнес-центрите, но согласно веќе утврдените протоколи коишто за сите овие претходно наведени оператори Комисијата ги работеше заедно со претставниците на нивните здруженија“, кажа Филипче.

За отворањето на границите и условите под кои тоа ќе функционира, министерот Филипче образложи дека дополнително ќе биде разговарано во текот на денешниот и утрешниот ден, по што јавноста ќе биде информирана.

„Епидемијата е се уште во полн ек, состојбата во регионот укажува дека практично во сите земји има пораст на случаите. Ова повторно не води до заклучок дека вирусот е тука, ќе мора да продолжиме да живееме со него и да се навикнеме на правилата за лична заштита и по тие правила ќе се функционира веројатно долг период, не само оваа година, туку и следната. Сметам дека е важно сите општествени чинители активно да се вклучат во пренесување на вистинската информација, а тоа е додека вирусот е тука меѓу нас, мерките кои се воведени мора да се почитуваат. Со почитување на мерките, маска, дистанца, дезинфекција, се штитиме самите себеси, и сите околу нас“, рече Филипче.

Соработката со сите лекари и епидемиолози, давањето точни информации, контакти, додаде тој, е клучно за да се лоцираат сите коишто се во опасност, во спротивно може да предизвикаат дополнителна опасност за околината за ширење на вирусот.

„Уште повеќе економски оператори почнуваат да работат, но условот секако е тие строго да се придржуваат до донесените протоколи и препораки, затоа се изготвени тие препораки, кои досега ги почитуваат најголем дел од компаниите коишто добија дозвола да работат. Апелирам апсолутно до сите целосно да се почитуваат овие протоколи заради тоа што така ќе се заштитат и клиентите и вработените“, изјави министерот Филипче.

Министерот Филипче упати апел до политичките партии и сите актери во изборите.

„Мерките да се почитуваат без исклучок – сите партии да бидат пример со почитување на мерките и да не дозволат кампањата да биде ризик за граѓаните. Од нив се очекува тие да дадат пример како се штити здравјето на граѓаните. Мерките не се тешки, а се исклучително ефикасни и потврдени од многу земји во светот- да се носи заштитна опрема, да се одржува физичката дистанца, да се одржува лична хигиена и да се почитуваат протоколите за работа на економските оператори“, рече министерот Филипче