СЗО: Треба да се зголеми производството на дексаметазон, ја намалува смртноста од коронавирус

0
120

Светската здравствена организација (СЗО) повика денес да се зголеми производството на дексаметазон, откако британските научници објавија дека овој стероид значително ја намалува смртноста кај пациенти заболени од коронавирус кои се во тешка состојба.

„Ние се соочуваме со нови предизвици: зголемување на производството и брза и правична дистрибуција на дексаметазон ширум светот, фокусирајќи се на тоа каде е најпотребно“, рече генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.

За среќа, кажа тој, станува збор за ефтин лек кој го произведуваат многу фабрики ширум светот и кои, сигурни сме, може да го забрзаат производството.

Првите резултати од британското клиничко испитување покажуваат дека дексаметазонот ја намалува смртноста за третина кај пациенти со најтешка форма на болеста.

„Дексаметазон треба да се користи само кај пациенти со Ковид-19 кои се во тешка и критична состојба, под строг клинички надзор“, предупреди тој.

„Нема докази дека овој лек е ефикасен кај пациенти со лесна форма на болеста и за превенција, а може да предизвика и штета“, посочи Тедрос.

Директорот на СЗО кажа дека побарувачката за дексаметазон е веќе зголемена.

Тој ја повика меѓународната заедница да биде солидарна и транспарентна, така што снабдувањето со дексаметазон ќе се врши пред сè во земјите со најголем број сериозно болни пациенти.

„Исто така важно е да се провери дали снабдувачите можат да го гарантираат квалитетот на лекот бидејќи постои висок ризик од влез на пазарот на производи со понизок квалитет и фалсификати“, предупреди водачот на СЗО.

Тој, на денешниот брифинг, кажа дека вчера се регистрирани повеќе од 183.000 нови случаи, што е несомнено најголем број заболени за еден ден.