Насер Зибери кандидат на ДУИ за премиер Албанец

0
123

ДУИ го претстави својот кандидат за премиер на државата. На промотивната конвенција во Преспа, ДУИ ја почна предизборната кампања за предвремените парламентарни избори на 15 јули, на која го промовира Насер Зибери како нивен кандидат за прв премиер Албанец на С.Македонија.

„По интензивните консултации со граѓанското општество, со академскиот свет, со стручното и креативно мислење, стигнавме до обединувачко и заслужно име на кандидатот за прв Албанец премиер. Тоа е Насер Зибери, кој ги има сите доблести да ја води извршната власт на земјата кон полна еднаквост“, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на конвенцијата.

Кандидатот за премиер Зибери во неговиот говор рече дека е убеден во тоа дека е дојдено времето за целосна еднаквост.

„Бев изненаден од повикот на Али Ахмети со покана за состанок во неговата канцеларија. Тој ме извести дека се консултирал со многу почитувани луѓе, граѓанското општество и академијата и моето име било меѓу номинираните како натпартиски кандидат. Искрено, бев изненаден и, секако, се чувствував ценето. Да бидам потполно искрен, си помислив дека ова не само што ќе го промени мојот живот, туку претставува и голема одговорност. Не е лесна одлука да се донесе и нема многу време за размислување. Но, челикот се кали во оган и за поединецот се суди според одлуките што ги носи за социјалното добро, затоа реков да“, рече Зибери.

Насер Зибери е роден во 1961 година во село Ласкарци, општина Сарај. Дипломирал на Правниот факултет. Во минатото беше висок функционер на ПДП, а во периодот од 1996 година до 1998 година беше министер за труд и социјална политика во Владата на Бранко Црвенковски. Пред да стане политичар, бил новинар, а повеќе од 10 години не е активен во политиката и работи како нотар.