Николоски: Обновата што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ значи инфраструктурен бум и повисоки плати

0
111

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборната единица 4 денеска на почетокот на изборната кампања од Струмица порача дека е време да се случат промените за да може народот да ја види разликата, потенцирајќи дека во тригодишниот мандат на власта на СДСМ, државата е национално опустошена и економски уназадена.

„Сметам дека промената мора да тргне токму од тука од Струмица. Во Струмица имаме едно континуирано 18 годишно владеење на една структура, на еден човек и едно семејство и време е за промени. Време е да се случат промените за да луѓето ја видат разликата. Во Македонија имаме повеќе од тригодишно владеење кое што е окарактеризирано со национални опустошувања, економско уназадување и корупција која што цвета“, рече Николоски.

Тој пред струмичани ја презентираше програмата „Обнова на Македонија“, додавајќи дека главен фокус на програмата е економијата затоа што тоа е срцето на секоја држава.

„Се обврзуваме со нашиот тим на чесни луѓе, со нашиот тим на експерти кои што работеа на програмата за Обнова на Македонија дека во следниот четиригодишен период ќе реализираме преку 1.000 проекти за доброто на Македонија. Наш главен фокус ќе биде економијата, затоа што тоа е срцето на секоја една држава и тоа е срцето на подобриот живот. Во делот на економијата се обврзуваме дека невработеноста ќе ја спуштиме под 10 проценти. Се обврзуваме дека платите ќе растат и ќе пораснат најмалку за 25 проценти во следниот четиригодишен период. Се обврзуваме на кратење на даноците, сегашните даноци пред се данокот на доход и персоналниот данок, како и данок на профит ќе се намалат на 8 проценти рамен данок. Во делот на економијата одвојување од најмалку 1 денар од акцизата на горивата за развој на спортот, нешто што ни е насушно потребно како држава, особено надвор од Скопје, затоа што потребно е да се развиваат спортските клубови“, рече Николоски во неговото обраќање.