ФИФА: Секоја федерација ќе добие грант од еден милион долари!

0
50

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) ќе издвои 1,5 милијарди долари за да им помогне на националните федерации да се справат со ефектите од пандемијата на коронавирус, соопштија од организацијата.

Секоја од 211 федерации, членки на ФИФА, ќе добие грант од еден милион американски долари. За развој на женскиот фудбал ќе бидат доделени дополнителни грантови од 500.000 американски долари. Секоја од шесте конфедерации ќе добие два милиони долари. Овие плаќања ќе бидат извршени во првите две фази од планот на ФИФА.

Во третата фаза, секоја национална федерација ќе добие можност да аплицира за заем од 500.000 до пет милиони долари, но сумата не смее да надмине 35% од годишните приходи. На конфедерациите ќе им биде понуден заем до четири милиони долари. Ќе се формира посебен комитет кој ќе ја следи ефикасноста на трошењето. Тоа ќе го води Финецот Оли Рен.

ФИФА го одобри и годишниот буџет на организацијата за 2021 година и воведе ажуриран календар за националните тимови. Конкретно, беа одобрени измени во календарот на европските тимови, кои сега ќе можат да одиграат три натпревари наместо два во есенските периоди, резервирани за меѓународни натпревари на националните репрезентации.

Утврдена е и регулатива за олимписките фудбалски турнири за Игрите во Токио, одложени поради пандемијата на коронавирус од 2020 до 2021 година. Само тројца играчи на возраст над 23 години ќе можат да учествуваат на Олимпијадата.

ФИФА ќе им овозможи на момчињата родени во 1997 година да учествуваат на олимпискиот турнир во Токио.