Иванишевиќ позитивен на коронавирус

0
79

Поранешниот хрватски тенисер и сегашен тренер на Новак Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ, е позитивен на коронавирус. Тој беше во Белград и во Задар на турнејата „Адрија“ во организација на неговиот играч Ѓоковиќ.

Иванишевиќ беше тестиран двапати и двапати беше негативен за коронавирус, но резултатите од третиот тест велат дека сепак бил позитивен и тој за тоа информираше на социјалните мрежи.

„За жал, по двата негативни теста во последните 10 дена, само што ги дознав резултатите од денешниот трет тест и позитивен е на Ковид-19. Се чувствувам добро и немам никакви симптоми. Сакам да ги известам сите коишто биле во контакт со мене за фактот дека сум Ковид-позитивен и ги замолувам да ги преземат сите неопходни чекори за да се заштитат себе си и своите најблиски. Продолжувам со самоизолацијата што ја започнав порано. Посакувам на сите што се заразени брзо закрепнување“, порача Иванишевиќ на Инстаграм.

Иванишевиќ некогаш беше втор тенисер во светот и важи за најдобар хрватски тенисер во историјата.