Спасовски на средба со млади во Ѓорче Петров: Над 14.000 млади се вработија или обучија со активните мерки

0
70

Носителот на листа во изборната единица 2, Оливер Спасовски попладнево се сретна со млади во скопската општина Ѓорче Петров каде најави уште поголема поддршка на младите луѓе.

„Една стратешка цел целосно реализиравме – членството во НАТО. Втората стратешка цел е отпочната – одлука за почеток на преговорите со ЕУ. Интеграциите донесоа повеќе пари и ќе донесат уште повеќе, до 2024 година, ќе отвориме 80 проценти од поглавјата кон ЕУ, тоа ќе значи 2.5 милијарди евра од европските фондови. Сето ова се шанси и за младите, да сте конкурентни на европски нивоа за образование, вработување, со европски плати“ посочи Спасовски.

Тој рече дека досега се отворени многу можности за младите.

„Целта ни е да ве мотивираме да работите и живеете во родната земја. Ако нешто недостига можеме да го набавиме, но вие, младите луѓе, сте незаменливи за државата. Денеска се исплаќа за месец мај Младинскиот додаток од 3.000 денари, за млади до 23 години што работат во производство и во земјоделство. Станува збор за вкупно 3.117 млади кои добиваат по 3.000 денари по овој основ. Исплатени се од декември досега 55 милиони 481 илјада 220 денари, за оваа намена. Преkу Младинската гаранција, во 2018 година беа вклучени во разни обуки и практики 5.266 млади, од кои 1.923 се вработија и тоа зборуваме за период од првите четири месеци откако влегле во евиденција. Во 2019 година, 20.302 млади биле вклучени во такви обуки и пракси, а 6.036 се вработени. Во 2020 година, заклучно со 10.јуни, значи за само 6 месеци, 8.173 лица се обучени по разни основи, од кои 1.971 се вработени. Нашата држава е прва земја која не е членка на ЕУ, а го спроведува овој проект Младинска гаранција за млади до 29 години. Или, вкупно, Активните мерки за вработување, каде освен Младинската гаранција влегуваат и разни добиени грантови, обуки, ИТ вештини, помогнале на над 14.000 млади до 29 години да најдат работа или да се квалификуваат за соодветно работно место побарувано на пазарот на трудот. 5.412 лица директно се вработиле, а 8.991 лице преку оваа мерка поминале подготовка за потенцијално вработување“ додаде Спасовски.

„Што имаше во претходните години освен народен грабеж, закани, уцени, газење по достоинството на луѓето?!“, праша Спасовски.

Тој оцени дека можеме уште повеќе и уште подобро, но мораме да продолжиме по правиот пат.

„Во Програмата на СДСМ, предвидуваме поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години. Парите ќе одат дитректно на сметка на младите. Ние, почитувани млади сме за иновативна Македонија. Се обрзуваме во Програмата на СДСМ дека ќе создаваме средина во којашто младите ќе го јакнат претприемачкиот дух, иновациите и креативноста. Ќе продолжиме да градиме општество кое поттикнува почитување на талентите и вештините. Многумина од вас се насочени кон работа во ИТ секторот. Во Програмата се обврзуваме на дигитализирана држава, балканска ѕвезда водилка на дигитализацијата. Градиме дигитална инфраструктура што ќе ни ја вивне државата меѓу конкурентите и модерните држави. Ова е време на нова дигитална револуција со што се штедат времето и парите на граѓаните со што ги праќаме шалтерите во историјата“ рече, носителот на листа Спасовски, на средбата со младите во Ѓорче Петров, најавувајки европски услови за живот и европски животен стандард во нашата држава.