Владина делегација изврши увид во изградбата на енергетски ефикасна градинка во Волково

0
60

Увид во градежните работи на нова, енергетски ефикасна градинка во Волково, општина Ѓорче Петров, денеска извршија премиерот Оливер Спасовски, заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, и дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.

Премиерот Спасовски посочи дека во изминатите три години Владата, во соработка со локалните самоуправи, спровела стотици проекти од најнепосреден интерес за граѓаните.

„И во време на оваа криза со Ковид-19, инвестициите во инфраструктурата продолжуваат. Тоа ја прави сосема видлива разликата од претходниот период. Градежните работи на објектот стартуваа на почетокот во февруари, и по 18 месеци, кога ќе биде готова, градинката ќе прими 175 деца. Според проектот, станува збор за современа градинка, енергетски штедлив објект по сите стандарди. Градењето на овој капитален проект се движи со одлично темпо и според динамиката предвидено е да се заврши во предвидениот рок. Секое дете заслужува шанса за правилен детски развој и заштита“, кажа Спасовски.

Тој истакна дека во изминатиот период е инвестирано во 44 градинки и објекти за ран детски развој.

Заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, објасни дека градинката во Волково ќе биде една од најсовремените градинки кај нас.

„Вкупната инвестиција е над 80 милиони денари, од кои околу 73 милиони денари се обезбедени од Министерството за труд и социјална политика заедно со Светска банка“, посочи Бајрактар.