Николовски во Велес: Со младинските политики на СДСМ младите ќе останат дома

0
22

„Сум имал среќа да стигнам до позицијата генерален секретар на СДСМ иако ниту сум нечиј син, ниту ме поставил некој таму со некаква цел, едноставно сум се трудел повеќе од други и трудот имало кој да го препознае. Ферски, без протекции, како што треба“, изјави во Велес Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и носител на листата во ИЕ 3.

„Дете сум на работничко семејство, знам што значи работа, труд, напор да си ја оствариш целта. Свесен сум дека мојот случај е редок и дека не е правило. Свесен сум дека на повеќето млади во земјата не им е лесно да испливаат на површина. Токму за тоа се борам. Да направам да биде правило квалитетот да испливува горе, а на дното да останат неработниците и оние кои сакаат без капка пот да ги жнеат плодовите.

Затоа направивме модел кој ќе обезбеди младите луѓе да се развиваат и напредуваат дома, а не во странство. Ќе извезуваме македонски производи, а македонците ќе останат дома.Квалитетот и знаењето ќе се ценат, а не партиските книшки и врските. Нашите млади заслужуваат еднаква и фер шанса, нема веќе привилегирани“, додаде тој.

Според Николовски, во изминатите три години е зголемена понудата на работни места и е олеснет патот до прво вработување на младиот човек.

„За повеќе од 13 проценти ја намаливме стапката на невработеност кај младите лица, но треба уште многу, бидејќи се уште е на високи 35%. Преку ефикасни и домаќински политики стапката на младинска невработеност до 2024 година ќе ја донесеме под 17 %. Тоа е речиси двојно пониска младинска невработеност од сегашната!

Преку конкретни мерки инвестираме и во младите земјоделци, за кои грантот го зголемивме од 10 на 20 илјади евра. Со грантови во висина од 5.000 до 15.000 евра обезбедуваме директна поддршка за младинското и женското претприемништво. За сите нововработени до 29 години ќе има поврат на персонален данок во првите две години од работењето. Парите одат директно на сметките на младите! Ако сакаш иднина овде, ако ја гледаш тука желбата да се развиваш и живееш, изборот е лесен. За жал, европскиот прогрес и економскиот развој не е можен со назадна понуда како празната националистичка пропаганда од ВМРО-ДПМНЕ. Истата партија која иако се удира во гради дека е патриотска, гласаше ПРОТИВ се што е добро за вас граѓаните. Гласаа против минималната плата, против повратот на ДДВ, против зелената нафта, против укинувањето на радиодифузната такса и што уште не. Затоа, изборот на 15 јули е многу лесен. Ќе одиме напред сите или ќе го вратиме бегалецот од Будимпешта назад?Ќе одиме напред. Бидејќи заедно можеме!“, рече Николовски.