Што требаше, а „заборавија” да кажат пред избирачите

0
101

Колумна на Никола Тасев:

Многу работи се изнаслушавме во кампањата, ама она што не интересира го нема. Сепак останаа уште неколку дена кампања, уште неколку дена ветувања, проекти, планови… „ брда и долини”, но и уште неколку дена партиите да го објаснат она што досега го заборавија или не сакаа да го кажат, а гласачите треба да го слушнат.

Прво, најактуелната тема – пандемијата со Ковид-19 речиси и да не беше споменета. Партиите не кажаа како по изборите ќе се справуваат со вирусот и со сите негативните последици од него. Секојдневно стотици нови заразени, по десетина умираат, стравот од заразата е присутен насекаде, а последиците од долгите карантини и полициски часови се уште ги чувствуваме. Кога на ова ќе се додаде и клекнатата економија и неизвесната финансиска сигурност на граѓаните, ова мораше да биде една од главните теми на кампањата: како против Короната по 15 јули. Граѓаните имаа потреба и да слушнат дали по изборите повторно ни следуваат карантински викенди, рестрикции на движење и затворање на објекти. Од темата не смее да се бега, а потоа пак дневно и политикански да се импровизира!

Второ, никој јасно не објасни што со процесот на европските интеграции, дали е конечно одблокиран и ако се уште има пречки, која е цената што Македонија треба да ја доплати. Освен веќе слушнатите фрази дека сите сме за ЕУ и НАТО, друго и не слушнавме. Досега целиот процес на интеграцијата не чинеше многу, но дали е платена целата сметка или ќе мора покрај името на државата, историјата, достоинството… да се истргува и со Гоце Делчев, јазикот, гордоста… Нека не кријат што им се плановите, доста е затскриено делување.

Трето, што е со патната и железничката инфраструктура. Слушнавме фалби за сто, илјада, милиони километри патишта и автопатишта, што се изградиле или ќе се градат, но не слушнавме конкретни рокови, траси, планови и извори на средства за главните сообраќајни магистрали во државата. Не слушнавме и кога конечно ќе се заврши со железничкото поврзување со Бугарија и Албанија. А време е. И потребно е. Не сакаме и на следните избори за ова да треба да се зборува, премногу трае „градењето“.

Четврто, како партиите ја планираат националната економија по изборите. Либерална, реална со идеи и рамноправен развој или партизирана, каде што партиските спонзори и фирмите на министрите ќе бидат претплатени за тендерите и субвенциите. Иако економските теми во развиените држави се клучни во политичката арена и околу нив се водат главните битки, кај нас се сведоа на ранг на нафрлање на фрази, пароли и бројки, научени напамет и нејасни за најголемиот дел на граѓаните.

Нејасни се и за нивните политички соборци, но тие секако ќе гласаат за своите. Ќе го гледаат растот во економијата и таму каде што го нема и ќе ракоплескаат. Ќе се радуваат на автопатишта и мостови каде што и не постојат и повторно ќе ракоплескаат. На партиските членови воопшто не им пречи корупцијата, сиромаштијата, неправедноста, неправичноста, непотизмот и штетата за државата се додека „нивните” се на власт.

Затоа созреано е времето “нивните” да си заминат, но со оглед на изборниот модел и понудата, тешко дека и на овие избори ќе се промени нешто.