Камениот мост е во полутемница, Чаршијата во мрак

0
55

Колумна на Лиман Осман:

Со проектот “Скопје 2014” беа изградени голем број на градби и споменици во поширокиот центар на главниот град. Тие градби истовремено добија и осветлување кое привлекува внимание исто како и самите градби. Но, во каква состојба се старите историски градби во Скопје почнувајќи од нивното осветлување? Иако ова прашање е постојано на дневен ред во медиумите, сепак состојбата со осветлувањето е далеку од стандардот и квалитетот на осветлените нови градби.

Секој што навечер ќе прошета од улица „Македонија“ па преку плоштад до Камениот мост, и од таму ќе влезе во Старата (Турска) чаршија ќе забележи драстична разлика во квалитетот на осветлувањето на, условно, новите и старите градби. Плоштадот „Македонија“, со Воинот на коњ во средината, потоа новите мостови а Вардар, како и музеите и другите градби на кејот “зрачат” од квалитетното и силно осветлување. А истовремено, симболот на градот Скопје, Камениот мост е во полутемница, и тоа и од надвор и од внатре – светлата се прегорени, дел од инсталацијата извадена од место, грда слика на која надлежните не реагираат! Не се реагирана ниту кога е во прашање чистењето и одржувањето на овој симбол од џбунови, дрвја на неговите носечки столбови.

Иста е состојбата и во Чаршијата. Нај малку 7-8 бандери (по ново канделабри) се паднати, уништени, а од останатите светилки половина се прегорени и не светат. Да не се осветлените излози на чаршиските дуќани дел од Чаршијата ќе биде во потпол мрак.

Единствена светла точка во стариот дел на Скопје е Саат – кулата и Султан Муратовата џамија, који благодарение на Турција беа и комплетно реновирани и прекрасно осветлени. Но, кај Саат–кулата има друг проблем, а тоа е што убаво осветлената кула е невидлива од булевар „Крсте Мисирков” поради новите згради и што во непосредна близина на Саат кулата е изградена дивоградба од 4 спрата, речиси “залепена” за Саат кулата!? Сопственик на оваа грдосија бесрамно ги издава становите, а меѓу другите кираџии биле и инжењерите од Турција који работеа на реновирање на џамијата и кулата!

Кога оваа “градба” стигна и до јавноста и медиумите во Турција тогаш еден наш домашен функционер во директна тв – емисија изјави дека дивоградбата ќе биде урната. Поминаа години, но ништо од тоа. Грдосијата стои на исто место. За жал, очигледно е дека градските власти не водат доволна и подеднаква грижа за одржување на осветлувањето на историските градби и за нивна заштита од “покривање” со дивоградби.