СЗО: Потребни се повеќе пари за борба против пандемијата

0
31

Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди за огромниот јаз меѓу средствата потребни за борба против пандемијата на коронавирусот и средствата што, всушност, се користат за таа намена.

Повеќе од 19,92 милиони луѓе во светот се заразиле од коронавирусот, а 729.883 починале, пренесува „Ројтерс“. Болеста е потврдена во повеќе од 210 земји и територии по појавувањето во Кина во декември 2019 година.

„Само за вакцините се потребни повеќе од 100 милијарди американски долари“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејсус, пред новинарите во Женева.

Говорејќи за меѓународна иницијатива за обезбедување подобар пристап до здравствената заштита, Тедрос рече дека следните три недели се клучни и ја истакна потребата за зголемување на финансирањето.

Но, тој верува дека има надеж.

„Никогаш не е доцна да се смени текот на пандемијата“, рече тој.