Челси се враќаат со победа од Брајтон за убав старт на Премиер лигата

0
22

„Обновениот“ Челси ја започна својата сезона во Премиер лигата со 3:1 победа на гости кај Брајтон Хоув & албион, каде што можеби домаќините заслужија нешто повеќе.

Со новите германски засилувања во стартните 11, Тимо Вернер и Каи Хаверц, тимот на Френк Лампард не успеа да ја наметне играта во првото полувреме, но сепак успеа да стигне до 0:1 водство. Во 23. минута, токму Вернер беше соборен во шестнаесетникот, а Жоргињо од пенал ги донесе во водство „сините“. Брајтон, неочекувано, имаше над 50 отсто од поседот на топката во првото полувреме, но не успеаја да се заканат на голот на Кепа.

Во 54. минута, Брајтон, конечно, дојде до израмнување откако Леандро Тросар шутираше од огромна далечина, а Кепа не се прослави со реакцијата. Но, само 90 секунди подоцна, Рис Џејмс го постигна својот прв гол во Премиер лигата, фантастичен удар од над 20 метри, и еден од најубавите голови во првото коло во Англија.

Десет минути подоцна, по корнер на Џејмс, Курт Зума упати удар кој се одби од еден од фудбалерите на Брајтон и го измами голманот за 1:3.