Димитров: Итно да се расчисти случајот со Aгенцијата за европски образовни програми

0
29

Заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров вечерва на Фејсбук се огласи по повод последното истражување објавено на „А1он“, а во врска со начинот на трошењето на парите за проекти од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Тој на „Фејсбук“ напиша дека впечатокот е „загрижувачки“ и побара да се истражат сите наоди.

„Ги читам вечерва новите информации во серијалот новинарски истражувања околу состојбите во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Впечатокот е загрижувачки. Итно е потребно целосно расчистување на овој случај.Мора да се истражат сите наоди и да се открие целата слика, оти за државата само едно нешто е поголем срам од шпекулации за наводна злоупотреба на пари на европските даночни обврзници – а тоа е кога во тие сомнежи би имало вистина“, напиша Димитров.

Според истражувањето на „А1он“, повеќе лица ангажирани во проектот на фирмата „В.Е.З. Трејд“, регистрирана со дејност „фризерски салони и салони за разубавување“, која добила грантови од 270.000 евра од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, преку писма уште лани во април ја алармирале директорката на агенцијата Димова за можни злоупотреби со европските пари.

„А1он“ дојде до овие писма, кои содржат обвинувања за пари исплатувани во кеш, нетранспарентност и немање увид во проектот финанисиран од Националната агенција, а кој го спроведувал сопственикот и управител на „В.Е.З Трејд“, Зоран Златковски.

Неколкумина ангажирани тврдат дека побарале да бидат изземени од проектот поради сомнежи за незаконско работење, но никогаш не добиле одговор од директорката на Националната агенција, Лидија Димова.