Владата на онлајн-седница ќе ја преиспита одлуката за влез без ПЦР-тест

0
25

Владата денеска треба да одржи онлајн-седница на која се очекува да ги усвои новите мерки предложени од Комисијата за заразни болести за да се спречи ширење на заразата поради големиот број инфицирани од коронавирусот.

Предложено е да се забрани групирање во домовите на семејни прослави, со тоа што во едно живеалиште ќе може да се примаат до четири лица. Нема да биде дозволено групирање на повеќе од четворица на јавни простори по 22 часот, а заштитна маска или прекривка на носот и устата, покрај во затворени простори, јавен објект, работно место, превозно средство, ќе треба задолжително да се носи и при престој на отворено.

Исклучок од носење заштитни маски е предложено за деца до шест години, за лица што спортуваат, при транспорт на членови од едно семејство во приватно возило, при седење во уготителските објекти со почитување на протоколите и во службени простории ако е лицето само во просторијата.
Владата на некоја од претстојните седници, исто така, треба да ја ревидира одлуката што ја донесе минатиот вторник за влез на државјани од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово во нашата земја без ПЦР-тест, откако три од овие земји ја повлекоа од своја страна одлуката што беше регионална иницијатива по принцип на реципроцитет.

Поради високиот број заразени во регионот, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина завчера на полноќ ја суспендираа одлуката што и не почна да важи, така што останува обврската за приложување негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа кога се патува во тие држави. За македонските државјани влез без медицинска потврда засега е дозволен само во Косово, Албанија и Турција.