50 отсто зголемен бројот на угостителски објекти што не ги почитувале мерките

0
54

Бројот на угостителски објекти што не ги почитувале протоколите за работа во изминатиата недела се зголемил 50 проценти во однос на неделата пред тоа. Од инспекторатите најавуваат засилени контроли и неселективно постапување за новогодишните празници.

„На ден пред новогодишната ноќ ја користам можноста да апелирам граѓаните да ги почитуваат мерките, да празнуваме одговорно во кругот на семејството, да се воздржиме од големи прослави и да нема гурпирање. Надлежните инспекциски служби во текот на новогодишните празници ќе спроведуваат интензивни контроли на терен со цел да се спречи ширењето на вирусот и да се заштити здравјето на граѓаните“, рече на прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашковска.

Таа соопшти дека во периодот од 21 до 27 декември бројот на затворени угостителски објекти во споредба со периодот од 14 до 20 декември е зголемен 50 проценти.

„Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат од 21 до 27 декември спроведоа 3.864 контроли и 462 надзора поврзани со почитување на протоколите за работа на кафетерии и угостителиски објект, но и според други материјални закони. При спроведените надзори изречени се 32 прекршочни пријави, 62 решенија за констатираните неправилности и 43 прекршочни платни налози. Од вкупниот број решенија, 13 се за непочитување на Законот за заштита на населението и протоколот за работа на угостителските објекти, и тоа седум во Скопје и по два угостителски објекта во Гостивар, Тетово и во Струга“, рече Филиповска-Грашковска.

Како што додаде, во сите овие угостителски објекти не се почитувало работното време или ограничувањето четири лица на една маса, па за сите е изречена забрана за вршење дејност и затворени се на самото место, а се изрекуваат и прекршочни платни налози.

Таа потенцира дека инспекторите ќе спроведуваат контроли и во текот на новогодишната ноќ со цел да се спречи ширењето на вирусот. Инспекторите ќе постапуваат по пријава или добиено сознание за собири и доколку се утврди дека има организиран настан, ќе се преземат соодветни мерки.

Им се заблагодари на оние што ги почитуваат протоколите и мерките за заштита, но сè уште, како што рече, за жал, има и такви што во оваа ситуација не ја сфаќаат состојбата сериозно и преку себични постапки го загрозуваат јавното здравје и извести дека инспекторите ќе продолжат со чести контроли и неселективно ќе ги санкционираат оние што не ги почитуваат мерките. Истовремено, ги замоли совесните граѓани да ги пријават оние што не ги почитуваат.

Во периодот од 21 до 27 декември сите инспекторати извршиле 5.200 надзори и контроли. Државниот здравствен и санитарен инспекторат извршил 112 надзори и изречени се осум решенија, а издал и решенија за изолација – 6.576, што се една четвртина помалку од претходната недела. Кај транспортниот инспекторат не се констатирани прекршувања, односно непочитување на протоколите за превоз, МАЛМЕД изврши 21 надзор на аптеки и веледрогери и издадени се две решенија во согласност со Законот за лековите и медицинските помагала, Инспекторатот за труд изрекол 9 решенија и 11 прекршочни платни налози, девет прекршочни платни налози за неносење заштитна маска на работното место, Агенцијата за храна и ветеринарство имаше 290 надзори и издадени се 8 решенија, 10 едукации и два прекршочни платни налога, а Државниот инспекторат за животна средина спроведе 41 надзор и за констарираните неправилности донесени се три решенија со задолжување за подобрување на работата на субјетките.