Арсовски: Семејната фирма на Бочварски добила тендер еден ден откако тој стана министер

0
57

Општина Штип доделила скандалозен тендер на семејната фирма на Благој Бочварски, еден ден откако ја напуштил градоначалничката функција, обвини Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако сеуште не ви беше јасно зошто најнеуспешниот градоначалник Благој Бочварски од редовите на СДСМ стана министер за транспорт и врски, после оваа прес конференција ќе ви се разјасни. Системот за цицање на народните пари во семејните фирми кој што го воведе Зоран Заев во Струмица, не е исклучок, туку e правило на функционирање во СДСМ. Овој модел се применува и во Штип. Семејната фирма на министерот Бочварски кој е доскорeшен градоначалник на општина Штип, добила тендер од општина Штип“, рече тој.

Арсовски кажа дека семејната фирма „Де Лукс ДОО“ која, според него, е во сопствеништво и управувана од чичкото и таткото на Благој Бочварски, Владимир и Венцислав Бочварски, добила тендер во износ од над еден милион денари од општината.

„Да биде уште посомнително тендерот фирмата го добива еден ден откако Бочварски станува министер, односно на 1-ви септември. Дали тоа значи дека семејната фирма на Бочварски учествувала на целата постапка додека траел тендерот дури тој бил градоначалник, а се чекало само тој да биде избран за министер за да се официјализира како добитник на тендерот неговата семејна фирма“, праша Арсовски.

Тој ја повика Aнтикорупциската комисија и другите надлежни органи да го истражат и санкционираат случајот.